Janko Bilbiloski

Janko Bilbiloski

Share

Contact information, map and directions, contact form, opening hours, services, ratings, photos, videos and announcements from Janko Bilbiloski, Education, Gostivar.

01/06/2026

БЕЗ ВОСПИТАНИЕ НЕМА ОБРАЗОВАНИЕ
Се прашувам дали конечно се наѕира крајот на овој системски распад што со децении тивко, но упорно ја нагризува нашата држава. Најтажно од сè е што оние на кои навистина им е грижа се некаде на маргините, а нивниот глас едвај допира до јавноста. Останатите како да се помириле со состојбата. Како да притиснале „mute“ на сопствената совест.
Посебно загрижува она што се случува во воспитно-образовниот процес. Денес на секој чекор слушаме за нови образовни реформи, семинари, обуки, работилници, проекти и стратегии. Сè е насочено кон образованието. Но, каде исчезна воспитанието?
Како да градиме образован млад човек ако претходно не сме изградиле воспитан човек? Без почит, култура на однесување, емпатија, одговорност и чувство за заедница, образованието останува само куп информации, а информацијата не е исто што и вредноста.
Не можеме да очекуваме врвни резултати од ученици кои не научиле да ги почитуваат родителите, наставниците, повозрасните или правилата на заедничкото живеење. Не можеме да бараме академска успех ако сме дозволиле воспитанието да стане споредна работа. Темелот е важен. Доколку темелот е разнишан, попусто е да ја бојадисуваме фасадата.
Затоа не треба да нè изненадува што на меѓународните тестирања како TIMSS, PIRLS, PISA и др. постојано се наоѓаме на дното или блиску до него. Наместо постојани оправдувања, време е за искрена самокритичност и тоа од сите структури, почнувајќи од базата па се спирално нагоре до врвот. Вината не е секогаш некаде надвор, надвор од нас, надвор од нашата институција, надвор од нашата држава. Понекогаш е токму во нашата неподготвеност да признаеме каде сме згрешиле.
Уште поболно е кога ќе се погледне состојбата во високото образование. Универзитетите кои треба да бидат двигатели на развојот сè почесто изгледаат како институции што се борат сами со себе. Дури и нашиот најпрестижен универзитет, УКИМ, тешко се пробива на светските академски мапи, го нема помеѓу првите 2000 на Шангајската листа. Тоа не е причина за некој да се почувствува навреден, туку за сериозна саморефлексија и реформи во високото образование.
Образованието кај нас полека се претвора во летаргија, како и многу други општествени гранки и дејности, а летаргијата е опасна состојба, не затоа што прави бучава, туку затоа што доаѓа тивко и незабележително. Денес ќе премолчиме еден проблем, утре уште еден, а задутре ќе се чудиме зошто сме останале без иднина.
Вистината е едноставна, колку и да звучи старомодно, без воспитание нема образование, а без образование нема напредок. Сè друго е само добро спакувана илузија.

Јанко Билбилоски

26/05/2026

ФАЛА, ПРИЈАТНО – НЕ НИ ТРЕБАШ ПОВЕЌЕ
Животот знае да ти покаже дека ништо не е трајно, ни луѓе, ни пријателства, ни организации, ни „нашите“ и „вашите“. Тоа е моментот кога некој ќе реши дека повеќе не му требаш. Нема да ти биде сè едно кога од некоја организација ќе те избришат како со гумичка, а ти си се вложил во нејзиното создавање, градење и функционирање уште од твојата рана младост. Тоа е момент кога се чувствуваш како да ти го избришале целиот труд, како да ти ги избришале годините. Како да ти рекле: „Не постоеше. Не беше важен. Не значеше ништо“, а човек кога вложува младост, вложува и душа. Тоа не се враќа. Тоа не се купува. Тоа не се надоместува со никакви функции, титули или празни зборови. Не е убаво, не личи.
Токму тука е суштината. Не е проблем само во тоа што те тргнале, проблем е во начинот. Во нечовечноста. Во ладниот пристап. Во тоа што си бил дел од приказната, а сега си непожелна фуснота. Не е убаво кога ќе дојдат „неки нови клинци“, повеќето со кран преместени од нигде-никаде на некое функционерско, односно партиско столче и ќе се однесуваат како светот да почнал од нив, а не дека некој пред нив бил таму, се борел, создавал за организација да функционира и да се шири. Ова е класика. Нови лица, нови фаци, нови „главни“. Некои од нив ни сами не знаат како дошле до таму, ама знаат да командуваат. Знаат да делат памет. Знаат да глумат важност. Како да се родиле со печат во рака и со фотелја под задник. Ќе ти зборуваат на „важен“ тон, ќе ти прават планови, ќе се однесуваат како да ја измислиле организацијата, а не дека само влегле во веќе направена куќа.
Да, светот останува на младите, но млади кои треба да знаат да почитуваат, посебно оние кои биле на клучни места во таа организација пред нив. Младоста е сила, но ако е без почит тоа е само ароганција. Младоста без почит станува опасна комбинација, брзина без кочници. Кога млад човек нема чувство дека некој пред него се мачел, тогаш лесно почнува да мисли дека тој е центар на универзумот.
Не е убаво ние претходните или дел од нас да бидат целосно заборавени и маргинализирани. Тоа е тој момент кога не те бришат само од листа, туку те бришат од колективната меморија. Те претвораат во „некој таму“, во „тој што беше порано“, во „стар кадар“, а „стар кадар“ во нивниот речник звучи како нешто што треба да се исфрли, а не како нешто што треба да се почитува. Дечки, чекајте малце кочете, па меѓу тие пред вас има и интелектуалци кои во својот професионален и приватен живот оставиле некаков белег, како за градот така и за дражавата. Е ова е реченица што треба да им се залепи на врата. Има луѓе што градат системи, што градат институции, што оставиле трага. Тие луѓе не бараат поклон, не бараат фотелја, бараат само елементарно човечко признание, дека постоеле и дека придонеле.
Не е убаво да ги ставите настрана, а вашите партиски функционери на јавни установи да се сетат на нив и да побараат совет кога нешто ќе им загусти, кога нема да знаат како и каде да тераат со проблемите на организацијата со која раководат. Тука е лицемерието во полн сјај. Додека е лесно, додека се сликаат, додека се делат функции, тогаш никој не те бара, а кога ќе удри реалноста, кога ќе се заплетка работата, кога ќе стане „густо“, тогаш одеднаш ќе се сетат дека постојат луѓе со знаење. Одеднаш „ајде да прашаме“, „ајде да се консултираме“. Е па не оди така. Не може човек да ти биде резервна гума, па да ја вадиш само кога имаш потреба од неа.
Не е убаво да се сетат на вас и на тоа дека сте професионалци во дадена област кога ќе бидат пикнати во ќош, а претходно никој не ве повикувал на состаноци и на разни комисии на организацијата. Состаноците ги прават без тебе, комисиите ги полнат со нивни луѓе, дискусиите ги водат со „климоглавци“, ама кога ќе заглават – тогаш бараат професионалец. Тогаш бараат искуство. Тогаш бараат мудрост. Тоа е исто како да не те викаат во кафеана, ама да те викнат да ја платиш сметка.
На никој од тие партиски, млади локални шерифи не им текнало да ве повикаат на едно кафе, да ве прашаат, како си, како ти е здравјето, како ти е на работа. Тоа е најтажното. Не зборуваме за функции и позиции, туку за човечност. Едно „како си?“ не чини ништо. Едно кафе не руши буџет. Еден разговор може да значи многу, но тие немаат време за тоа. Тие имаат време за камери, за слики, за статуси, за „успеси“, за партиски вечери. За човек, немаат време. Едноставно се сеќаваат на тебе кога ќе им стане густо. Кога ќе се соочат со проблем кој бара ум, стручност и искуство, кога ќе ги стегне од сите страни, кога ќе немаат излез. Тогаш си важен. Тогаш си „цар“. Тогаш си „пријател“. Тогаш ти се јавуваат со оној тон како да сте најдобри другари цел живот. Ти доаѓа да им кажеш: „Абе каде беше досега?“
Не, не убаво, нели!? Не е убаво. И не е фер. И не е човечки. Затоа што човек не се цени кога ќе ти затреба. Човек не се почитува од интерес, туку од морал. Ако тоа го немаш, тогаш сите тие функции и титули се празна школка.
Ете така, вистината пак излегува на површина. Тивко, ама сигурно. Вистината дека во некои организации луѓето не се гледаат како личности, туку како алатки. Како бројки. Како „корисни“ и „некорисни“, а кога ќе престанеш да им бидеш од корист, те бришат како да не си постоел. Тогаш сфаќаш дека најболна не е вистината што ти ја кажуваат со зборови, туку вистината што ти ја покажуваат со однесување.
Јанко Билбилоски

20/05/2026

„ВИСТИНСКИ ВЕРНИК“
Дали вистински верник е оној што пости и редовно оди во црква или џамија? За мене – едно големо НЕ. Не можам да го наречам побожен човек оној што постел „како по правило“, што не пропушта петок или недела во храм, што знае молитви напамет и си има цел ритуал… а во секојдневието е полн со отров. Затоа што верата не е календар. Верата не е мени без мрсно. Верата не е „чекирање“ присуство пред Бога.
Да бидеш верник не значи само да се воздржиш од храна, туку да се воздржиш од зло. Некому да не му се радуваш на туѓата несреќа. Да не живееш со завист. Да не се смешкаш во лице, а зад грб да сечеш со јазик како со остар нож.
Попусто е да постиш и да се молиш ако имаш лоша мисла. Попусто е да палиш свеќа или да креваш раце кон небото, ако дома си тиранин. Попусто е да кажеш „Амин“ или „Иншааллах“, ако во работа си нечесен, ако газиш преку луѓе, ако мамиш, ако се правиш „фин“, а внатре си празен и мрачен. Што ќе ти е храм, ако срцето ти е џунгла? Што ќе ти е молитва, ако јазикот ти е отров? Што ќе ти е пост, ако душата ти е мрсна?
Најстрашното е што ваквите луѓе најчесто се најгласни. Тие први ќе ти држат лекција за вера, први ќе се прекрстат „театарски“, први ќе ти кажат кој е грешник… а кога ќе се свртат – ќе те исплукаат како да си ништо. Е тоа, мои „големи верници“, е арам и тоа е грев.
Бог не мери колку пати си влегол во храм, туку колку пати си бил човек. Не мери колку денови си постел, туку колку пати си простил. Не мери колку молитви си кажал, туку колку пати си премолчел кога требало да не повредиш некого.
Затоа што таму „горе“ не се носат маски. Таму не важи „ај ќе се извадам“. Таму нема врски, нема познанства, нема статуси, нема „ама јас сум редовен во црква/џамија“. Таму се мерат делата и само делата. Размислете добро. Можеби постот не е само да не јадеш месо и мрсно. Можеби постот е да не јадеш луѓе со зборови и непромислени дела.
Јанко Билбилоски

16/05/2026

ЖИВОТОТ НА ЕДЕН ПРОСЕЧЕН МАКЕДОНЕЦ
Животот на еден просечен Македонец, ако го гледаме низ призмата на статистиката (а и низ призмата на реалноста што секојдневно ја гледаме по маала, по кафани и по коментари на Фејсбук), изгледа отприлика вака…
Месечно заработува околу 30.000 денари. Или барем така вели платниот список. А месечно троши околу 40.000. И тука почнува магијата. Разликата од 10.000 денари е мистерија поголема и од Бермудскиот триаголник. Ниту самиот не знае од каде му се тие пари, ама не се ни труди да дознае. Некако „се наоѓа“, ќе се искомбинира, ќе се позајми од еден, ќе врати на друг, ќе земе на вересија, ќе се снајде. Во Македонија снаоѓањето е национален спорт, а просечниот Македонец е шампион во категорија „ќе видиме“.
Утринското кафе не му е само кафе. Тоа е ритуал. Света работа. Без кафе не се живее, без кафе не се размислува, без кафе не се планира како ќе се спасува државата. Зашто, мора да се знае: просечниот Македонец е експерт. Универзален. Сè знае. Политика? Професор. Фудбал? Селектор. Економија? Министерката не му е до колена. Војна во Украина? Аналитичар со диплома од „YouTube Академија“. Вируси? Доктор. Вакцини? Фармацевт. Психологија? Терапевт. И сето тоа без да прочитал една книга последните десет години, освен можеби упатството за користење на новиот телефон… и тоа ако било преведено на македонски.
Околу 5-6 часа дневно троши на разно-разни „експертизи“, по кафулиња, по маалски клупи и по социјални мрежи. Таму, со полна самодоверба, изнесува факти што никогаш не ги проверил и заклучоци што никој не ги побарал. Неговата реченица најчесто почнува со: „Јас да ти кажам…“ или „Види вака сега…“ и завршува со „сите се исти“ и „оваа држава нема спас“. Ако го прашаш што направил за да има спас, ќе ти каже: „Што да правам бе?“.
За образование, ситуацијата е класика. Средно едвај. Факултет ако има, често е со „помош“ од некој роднина, некој другар, некој професор што „се разбира“. И не дај Боже да спомнеш дека дипломата треба да значи знаење. Ќе те гледа како да си паднал од Марс. Кај нас дипломата е како регистарска табличка – само да ја имаш, па после ќе видиме дали колата ќе вози.
Токсичноста му е второ име. Делува на околината како расипано јаболко во гајба – не само што е расипано, туку има и амбиција да ги расипе сите други. Ако некој близок успее – тоа не е успех, тоа е „сигурно има врски“. Ако некој купи кола – „сигурно краде“. Ако некој направи бизнис – „пере пари“. Ако некој се ожени или омажи среќно – „ќе видиме до кога“. Просечниот Македонец не е среќен кога нему му е добро, туку кога на другиот му е лошо. Таа е нашата најопасна болест, а за жал најраспространета.
Летниот одмор? Тоа е обврска. Света должност. Мора да се оди во Грција. Ако не одиш во Грција, како ќе објавиш сториња? Како ќе се докажеш пред маалото? Како ќе покажеш дека си „жив“? И нормално, на одмор се оди со кредит и тоа не било каков кредит – туку кредит со камата што боли повеќе од сончаница. Но, важно е да се закачи слика со опис „My happy place“ и да се стави емотикон сонце и морски бран. И додека ужива на плажа во Халкидики, уште ги нема исплатено ратите од кредитот за Египет од пред две години, кога мораше да оди „да види пирамиди“, зашто така прават „успешните луѓе“.
Кога не е на одмор, просечниот Македонец редовно е на друго место – во „Златна Копачка“, „Спорт Лајв“, „Моцарт“, „Адмирал“… во храмовите на надежта и заблудата. Таму дневно губи по 2-3 часа гледајќи во телевизори, билтени и тикети како да се Свето писмо. Таму не оди да се коцка, неее… оди „да си ја проба среќата“. И патем, собира и овошје – банани, портокали, сливи… зашто во Македонија, коцкарницата е единственото место каде што народот верува дека ќе „собере нешто бесплатно“. Иако на крајот најчесто бесплатно собира нервоза, долгови и празен џеб.
Се носи по најнова мода. Брендови мора да има. Маичка со огромно лого, патики што светат, јакна што изгледа како да е купена од раперски спот. Ако треба ќе јаде леб и паштета, ама ќе носи „бренд“. Ќе оди гладен, ама ќе изгледа „топ“. Струјата од ЕВН му ја исклучуваат на секои три месеци, ама тоа не е проблем – ќе се среди со „врска“ и секогаш има оправдување: „Другарче, немав време да платам“. Ама време да се седи по кафани и да се игра „тикетче“ – тоа има.
Ајфонот е задолжителен моден детаљ. Ако нема ајфон, како ќе се покаже дека е „у тренд“? Како ќе снима стори од кафе? Како ќе снима селфи во лифт? Што ако дома руча макарони секој втор ден? Шпагети ако има „акција“ во маркет. Важно е телефонот да е последен модел, па макар да се плаќа на 24 рати и да се живее на минус во банка. Просечниот Македонец е богат на изглед, а сиромашен во реалност.
Неговото најголемо хоби, за жал, не е спорт, не е читање, не е патување, не е учење. Неговото хоби е озборување и тоа не обично озборување, туку мајсторско, олимписко. Забивање нож во грб на блиски роднини и пријатели, па после глумење дека „ништо не рекол“. Ако може да те понижи зад грб – ќе те понижи. Ако може да те саботира – ќе те саботира. Ако може да ти го уништи планот – ќе ти го уништи. А после ќе ти каже: „Батка, јас ти мислев добро“.
Со законите има специфичен однос. Не ги почитува – ги заобиколува. Тоа му е животна филозофија. Не гледа како да направи нешто правилно, туку како да најде дупка во прописите. Ако може да помине без ред, ќе помине. Ако може да даде „едно кафе“ за да му завршат работа, ќе даде. Ако може да паркира на тротоар, ќе паркира. Ако може да фрли ѓубре од кола, ќе фрли. И после ќе се жали дека државата е валкана и дека системот не чини.
Одење пеш? Тоа е за сиромашните. Ако нема автомобил, се вози со такси. Без разлика што зема социјална помош. „Што ќе одам пеш бе, не сум луд.“ А здравјето? Тоа ќе го решава подоцна. Ќе оди на доктор кога ќе стане критично, ќе се пожали дека докторите не чинат, ама ќе пуши по две кутии дневно и ќе јаде бурек во 10 навечер.
Сето ова, кога ќе го прочиташ, звучи како карикатура. Како шега. Како некој статус на социјалните мрежи што ќе стане вирален. Но, проблемот е што ова не е шега. Ова е реалност која ја живееме. Најстрашното е што сите познаваме неколку вакви „просечени Македонци“… а ако не познаваме, треба да се запрашаме дали можеби сме ние тие.
Затоа, Македонци, секој нов почеток – како Новата година – не е само повод за пијанка, сарма и статус „Happy New Year“. Тоа е шанса да направиме ресет. Да станеме подобра верзија од себе. Да се ослободиме од тие навики што нè влечат надолу како камен врзан за нога. Да престанеме да се фалиме со тоа што немаме дисциплина. Да престанеме да бараме виновници во сите освен во себе. Да престанеме да глумиме дека сме најпаметни на светот, а ништо да не работиме.
Да почнеме да читаме повеќе, да работиме повеќе, да мрчиме помалку. Да престанеме да се радуваме на туѓи падови и да почнеме да се инспирираме од туѓи успеси. Да не живееме за лајкови, туку за реални резултати. Да не купуваме ајфони на гладно, туку да купуваме знаење. Да не бараме „врски“, туку да бидеме вредни. Да не бараме дупки во законите, туку да градиме систем што ќе работи за сите.
Најважно од сè: да не бидеме просек. Да бидеме луѓе. Зашто Македонија не е статистика. Македонија сме ние. Ако сакаме подобра Македонија, прво мора да станеме подобри Македонци.
Јанко Билбилоски

13/05/2026

ВРЕМЕ ЗА СЕБЕ (И БЕЗ ГРИЖА НА СОВЕСТ)
Дали некогаш сте се запрашале… колку време си посветувате самите на себе? Не она „ај ќе легнам малку со телефонот“, туку вистинско време. Време што те враќа во живот. Затоа што реалноста е сурова. Денот ни поминува во трка. Разни обврски. Математички пресметки. Тешки преговори и договори. Морални и неморални состаноци. „Ќе можеш ли ова?“ „Ај те молам само уште ова…“ И така, еден ден се будиш и сфаќаш дека цело време си бил во нечија туѓа агенда, а твојата — твојата стои на пауза.
Што е најтрагичното? Си мислиш дека тоа е нормално. Дека така треба, но реално не треба.
Човек не е машина, не е робот што функционира на „мора“. Ако самиот не си дадеш пауза, ќе ти ја даде животот — ама на начин што нема да ти се допадне. Затоа, да си посветиш време на себе не значи себичност. Тоа е основна хигиена за умот и душата.
Секогаш ќе се најде некој што ќе ти каже: „Еј, многу мислиш на себе…“ „Си се сменил…“ „Си станал себичен…“ Едноставно ним кажи им ... „Немој бе, ти се молам, вистина?“ Најчесто тие што го кажуваат тоа се луѓе кои имаат навика да мислат дека светот се врти околу нив. Луѓе што сакаат да бидеш секогаш тука: на располагање, во приправност, како некоја емоционална батерија за нивните потреби. На крајот, ако го дочекаш крајот, на пример како пензија, уште следниот ден ќе те заборават. Толку, ти своето си го завршил, ти си потрошена мивка, повеќе не постоиш. Тие не сакаат да си среќен. Тие сакаат да си корисен. Кога ќе почнеш да ставаш граници, тие веднаш драматизираат, како да си им украл нешто, а всушност, единственото што си го направил е што си рекол: „Чекај, и јас постојам.“ И знаеш што? Немој воопшто да се потресуваш. Немој да дозволиш да ти наметнат чувство на вина, затоа што си решил да си го спасиш сопствениот мир. Затоа што доста беше!!! Доста беше да бидеш „маша“ во туѓи раце. Доста беше да ги живееш туѓите желби, а твоите да ги складираш како неплатени сметки.
И уште нешто: Немој да се лажеш дека времето што го трошиш на социјални мрежи е „време за себе“. Тоа не е одмор. Тоа е скролање низ туѓи животи. Луѓе што се фолираат дека живеат филм: на патувања, на кафенца, на вечери со „најдобрата екипа“, со филтри и насмевки од типот „животот ми е совршен“, а ти седиш дома и потсвесно ти се јавува она чувство: „Јас што правам со животот?“ И ете ти го проблемот. Не си се одморил. Само си се изморил уште повеќе — психички.
Затоа, ако веќе сакаш да си посветиш време на себе, направи го тоа вистински: прошетка по можност без телефон, кафе со себе, музика што ти ја лечи душата, книга, тишина, спорт, природа… или едноставно ништо. Да, и ништото е лек. Тоа е моментот кога мозокот престанува да врие, кога душата зема воздух. Тоа е моментот кога се полнат батериите. Тука има една проста вистина што многумина ја забораваат, а таa е не можеш да им дадеш на другите ако си и самиот празен, што ќе им дадеш? – Едно големо ништо. Тоа е исто како во авион, кога ќе ти кажат: „Ако се случи нешто непредвидено, прво маската за кислород ставете ја на себе, па потоа помогнете им на другите.“ Не затоа што треба да си себичен, туку затоа што ако ти се задушиш — никому нема да помогнеш.
Па така е и во животот: прво спаси се себе, прво среди се себе, прво нахрани ја својата душа. Потоа ќе имаш сила да бидеш корисен и за другите. Затоа што времето потрошено за себе не е луксуз. Не е „ако остане“. Не е награда. Тоа е потреба. Ако не си ја дадеш потребата сам на себе, никој нема да ти ја подари. Затоа… исклучи се од хаосот. Создади си мир. Направи си простор и не се правдај никому. Животот е краток, а ти не си создаден да бидеш споредна улога во туѓа приказна. Твојата приказна почнува кога ќе кажеш: „Денес — прво јас.“
Јанко Билбилоски

08/05/2026

ГОСТИВАРСКИТЕ МААЛСКИ ЅВЕЗДИ – „ФРАЕРИ“
„Секое маало има свои „ѕвезди“ – луѓе од чии усти не излегува мудрост и знаење, туку безвредни зборови преточени во неподнослива врева. Ова се ликови кои самите себе се крунисале за „маалски мудреци“, лично на овие сакам да им го залепам епитетот „маалски филозофи“. Така звучи попристојно и помалку боли отколку да го кажам вистинскиот збор што ми е на врв јазик.
Најголемиот дел од нив, народски кажано, немаат ни три грама школо, а имаат мислење и објаснение за сè: за политика, за фудбал, за светска економија, за женски работи, за машки работи, за животот воопшто. Тие не разговараат – тие дебатираат (уште да знаат што е значењето на зборот – дебата), како да се на телевизија, како да се на седница, како судбината на државата да зависи од нивниот муабет и од нивното „чекај малце да ти кажам јас“.
Во секој нивен збор има по една капка сарказам, ама прост, тежок, со вкус на евтина цигара и застоено кафе. Најчесто зборуваат за луѓето што не се тука (зад грб). Тоа е нивната омилена дисциплина – озборување, маскирано како анализа. Омаловажување, претставено како „искреност“. И додека се смеат на туѓите слабости, човек неволно си помислува: утре, ако мене ме нема, моето име ќе биде следното на менито. Во маалото, секој е гостин во туѓиот муабет – и секој, порано или подоцна, станува главно јадење на „маалското мени“.
Нивната сцена секогаш е иста: маалското кафуле, чајџилницата. обложувалницата (по гостиЈарски, кладилницата). Три свети места на маалската филозофија, каде што мудроста не се чита во книги, туку сместена е во спортски билтен. Пред нив задолжително е отворен весник, денес во ново време телефонот, и порталите за кои сè што е напишано во нив мислат дека е напишано од некој академик од МАНУ (тотално медиумски неписмени), а во раката макијато што го пијат три часа – не од уживање, туку од „принцип“ (и затоа што немаат скршен денар в џеб). Пластичното лажиче, со кое го мешале шеќерот, го џвакаат како да е тутун, како во него да е скриена целата смисла на светот.
Да ги свртиш наопаку – од нив нема да истресеш ни пет пари. Џебовите им се празни, ама егото им е полно. Сакаат да изгледаат галантни, да глумат Џони-баба, да се прават дека се големи момци со големи планови, а во суштина најголемата инвестиција што ја направиле во животот е жетон за апарат и тикет со „сигурица“.
И секогаш, ама баш секогаш, омилената тема им е бизнисот. „Ќе правиме нешто“, велат. „Ќе отвараме нешто“. „Ќе вртиме пари“. Во нивниот речник „бизнис“ не е идеја – туку лов. Секогаш им треба некој ортак. А ортакот најчесто е жртва. Некој што ќе даде пари, ќе ја преземе одговорноста, ќе го носи товарот… а тие ќе го носат муабетот. Зашто тие се мајстори за зборови. За работа – не се.
Понекогаш се прашувам дали се свесни колку смешно изгледаат кога ќе се занесат. Дали слушаат што зборуваат? Дали гледаат како луѓето околу нив, со онаа тивка непријатност во погледот, ги слушаат нивните „лекции“? Посебно кога ќе почнат да му солат памет на човек за нешто што тој го работи секој ден, со години, професионално, чесно, со труд.
Алал да им е кога ќе се дрзнат на пекарот да му објаснуваат како се прави леб, како кората треба да крцка, а средината да биде мека. Алал да им е кога на слаткарот ќе му држат предавање како се реди баклава, колку шербет се става и кога точно треба да се покрие со крпа. И сето тоа со самодоверба што не ја поседуваат ни луѓе што навистина знаат.
Ах, моето чудесно маало… ах, мојот Гостивар со своите „маалски ѕвезди“ што „блескаат“ не на небото, туку на пластичните столчиња пред кафулето. Ѕвезди што не светат за да покажат пат, туку за да привлечат внимание. И додека градот дише, работи, се бори и живее – тие остануваат таму, вечни, непроменливи, како маалска декорација на нашето секојдневие. И така, маалото си има свој универзум. А тие – тие се неговите гласни комети. Поминуваат, оставаат прашина… и пак се враќаат на истото место.
Јанко Билбилоски

23/04/2025

„ВИСТИНСКИ“ ВЕРНИК - КРАТКИ РАСКАЗИ ЗА ДОЛГИ ФИЛОЗОФСКИ МУАБЕТИ
Дали вистински верник е оној кој пости и посетува божји храм (согласно нашето непосредно опкружување и состав на популација тоа би била црква или џамија)!?
За мене едно големо НЕ! За верник и побожен не можам да го сметам лицето кое пости и оди редовно в црква, односно џамија. За да бидеш верник и божји достоинственик постојат многу поголеми доблести и норми кои треба да се почитуваат. Запомнете, многу поважни се делата, правилните постапки и нивниот позитивен исход. Попусто е да постиш и да одиш во верски храм и да му се молиш на господ/алах, а да имаш лоша мисла; да не ги почитуваш нормите и законитостите во приватниот и професионалниот дел на живеење; да имаш лоша мисла и „лоша уста“; да правиш „лице“, а зад грб да зборуваш лошо за луѓето ... сето ова е арам и грев.
Ех, мои БОЖЈИ ВЕРНИЦИ, добро размислете за вашите постапки ... на сите нас таму „горе“ ќе ни се мерат сите наши постапки и дела, таму „горе“ севишниот ќе ги мери нашите земски дела и постапки и колку всушност сме биле верници и доброчинители.
Јанко Билбилоски

10/02/2025

ДОЛУ ДЛАБОКО ГОРЕ ВИСОКО, МОЈА МАКЕДОНИЈО - КРАТКИ РАСКАЗИ ЗА ДОЛГИ ФИЛОЗОФСКИ МУАБЕТИ
Исто како што на детето треба да му биде модел успешниот родител или некоја блиска или пак омилена успешна личност (согласно земските закони и подзакони), така и нам како држава треба да ни биде модел одредена држава која своевремено ни била блиска, сме делеле во не така далечното минатото заеднички вредности. Според мене тоа е Словенија. Е тука ве молам без израз на „македонски мудрувања и филозофирања“ и барања на недостатоци и критики кон Словенија и Словенците со кои во блиското минатото живеевме во една иста држава, Југославија. Словенија и Словенците денес се пред нас со светлосни години. По распадот на Југославија, Македонија и Словенија ги рангираа како земји кои најуспешно може да бидат самостојни држави и успешно да се интегрираат во европските и светските организации. И што се случи?! Словенија изгради успешни стратегии и закони кои не само да постојат сами по себе туку интенцијата (намерата) беше и сè уште е истите успешно да се следат и применуваат, а оние закони и прописи од Југославија кои според нив беа во ред успешно ги интегрираа во нивното ново државно уредување. Што се случи со нас, подобро кажано што сè уште се случува!? Ние заглавивме во нашата македонска, јужњачка самобендисаност, мудрување, филозофирање, корупција и криминал кои траат 35 години. Драги мои, ако не нè бива, а не нè бива, нема што да измислуваме топла вода, треба едноставно да имаме модел пред нас кој треба изричито да го следиме и применуваме, без никакви забелешки, мудрувања, прашања и мислења. Заради тој наш македонски и јужњачки нарав зачинет со прашања, мислења, мудрувања и забелешки доцниме со децении и наместо напред, тапкаме во место или се враќаме назад, а исто така од ден на ден сè повеќе и повеќе нашето постоење како држава и народ се става под знак прашалник.
Јанко Билбилоски

04/11/2024

КРАТКИ РАСКАЗИ ЗА ДОЛГИ ФИЛОЗОФСКИ МУАБЕТИ - КЛОВНОВИ

Луѓето се различни, што би било кога сите би биле идентични и би наликувале едни на други. Сигурно сè би било монотоно и депресивно. Затоа постојат луѓе кои изигируваат кловнови, мора да има кој да ги забавува дворјаните, а дворјаните ќе им фрлат како награда некоја полуизглодена коска.
Има и луѓе кои се толку сервилни, едноставно тоа им претставува радост и задоволство, а другите таквото нивно однесување ги тера на повраќање. Овие сервилниве ги викаат и потрчковци. Има луѓе кои се срамат заради непромислени постапки на некои други, како што вели онаа одомачена кај нас, а од кај северниот сосед, „Поједе ме туѓи срам“. Тие, другиве луѓе се со челичен 'рбет, за разлика од овие потрчковциве со гумен 'рбет. Овие другиве иако се со високо ниво на достоинство истовремено се и премногу чувствителни, едноставно не знаат да се опуштат, ако нема нешто да ги мачи самите ќе си го измислат проблемот, но затоа имаат чист образ, а не образ како тенеќе. На крај би завршил со тоа дека во реалниот живот за чесни работи секогаш се потребни чесни и способни луѓе, а додека пак за нечесни работи обично се бараат сервилни луѓе.

Јанко Билбилоски

Want your school to be the top-listed School/college in Gostivar?

Click here to claim your Sponsored Listing.

Location

Category

Address


Gostivar
1230